Земјата и регионот од каде што потекнува кафето често ги дефинираат карактеристиките според кои се обележува врвното кафе. Врвното кафе не претставува мешавина (има едно потекло) и често се разликува според земјата од која доаѓа и регионалното или продажно име кое е обележје за тоа во која земја било одгледано кафето.

Централна Америка и Мексико

Кафето од Централна Америка и Мексико често е благо и миризливо, со суптилни карактеристики. Ова кафе има умерена киселост и среден вкус и текстура. Поголемиот дел кафе се обработува со методот на измивање. Ваквото кафе е достапно и популарно и ретко има премногу силен или интензивен вкус. Тоа е лесно за пиење и просечниот консумент може да се поврже со истото и да ужива во вкусот.

Јужна Америка

Кафето од Јужна Америка најчесто се дели на две доминантни земји: Бразил и Колумбија. Овие две земји опфаќаат дури 43 % од светскиот пазар на кафе и имаат сосема различни профили на кафе. Колумбиското кафе има повеќе заеднички карактеристики со кафето од Централна Америка и помалку со она од Бразил. Тие се често благи, процесирани со измивање и лесно достапни. Пространиот бразилски пејзаж содржи многу различни видови  на кафе. Еднo од најпознатите е суво процесираното Сантос кафе од Бурбон видот. Исто така, може да се спомнe и Риос кафето кое има специфичен вкус на јод (не се препорачува) како и други процесирани природни кафиња.

Источна Африка и Јемен

Кафето од Источна Африка и Јемен се карактеризира со винска и овошна киселост, со среден вкус и текстура и миризлива цветна арома. Најголемиот дел квалитетно кафе што доаѓа од оваа област се обработува со измивање, а исклучок е кафето од Јемен и регионот Харар во Етиопија. Кафето од овие два региона е природно обработено и може да биде многу вкусно, суво, овошно со сладок, полн вкус. Голем дел од кафето што потекнува од Источна Африка и Јемен е органско. Земјоделците не можат да си дозволат хемикалии или не ги користат поради традиционалните начини на одгледување. Многу ретко ваквото кафе е сертифицирано како органско затоа што не поминува низ формалниот процес на сертификација.

Руанда

Кафето од Руанда најчесто е добро балансирано со висока киселост. Тоа има разновиден вкус и остава чист и благ вкус во устата.

Кенија

Кафето од Кенија има посебен карактер и одлична висока киселост. Ова кафе има храбар, понекогаш и сочен вкус со вински ноти на црна рибизла, хибискус, грејпфрут и суво грозје.

Бурунди

Кафето од Бурунди има чист, деликатен вкус со богата текстура и киселост. Најадоминантни се благите вкусови на бобинки со цветни ноти и ароми.

Индонезија

Кафето од Индонезија најчесто има интензивен, див вкус со ноти на зачини, бибер и тревки; т.е. има земјен вкус. Ова кафе има силен вкус и ниска киселост. Може да се најдат и со поблаги овошни ноти на урми и свежи и суви сливи.

17јули
2020